Анита од Берово се породи, откако докторите ѝ предвидоа 8% шанси за живот: „Софија е моето мало чудо“

Дали Знаете, Живот

„Кога првпат ми ја ставија на градите плачев од среќа, бидејќи мислев дека после болеста и хемотерапијата никогаш нема да имам дете. Таа е моето мало чудо и ми дојде како подарок за сè што поминав досега“ – раскажува за CRNOBELO.com Aнита Имљаков од Берово, која по битката со ракот, сега живее ново, посреќно поглавје од својот (втор) живот.

Анита Имљаков од Берово, веќе неколку години живее и работи во Швајцарија заедно со сопругот.

Нејзината животна приказна (која ја раскажа за CRNOBELO.com во април 2024) е уникатна и инспиративна, а влева надеж дека на секого може среќата да му се насмевне, дури и кога најмалку очекувате.

Таа ја победи најтешката битка во животот, кога на 27 години ѝ бил дијагностициран редок вид тумор на панкреас.

Докторите ѝ предвиделе само 8% шанси да преживее, но таа е вистинско божјо и медицинско чудо. Не само што успеа да ја победи болеста, туку и една година подоцна остана бремена по природен пат, откако претходно веќе изгубила едно бебе.