Над 12 илјади Македонци ќе одат на печалба во Хрватска за плати од 1.000 до 5.000 евра
Меѓу 12 и 15 илјади македонски граѓани и оваа година се очекува да заминат на сезонска работа во Хрватска, најмногу во туристичкиот сектор, пишува Локално.
Најголема побарувачка има за работници во угостителството – келнери, собарки, готвачи, пицари и помошен кујнски персонал, но се бара кадар и во одржување, чистење, транспорт и логистика. Платите се движат од околу 1.000 до 5.000 евра, во зависност од позицијата и искуството. Келнерите и собарките заработуваат од 1.000 до 1.350 евра, додека поискусните може да достигнат и до 1.800 евра. Најплатени се готвачите, со примања и до 5.000 евра.
Во најголем дел од случаите, работодавачите обезбедуваат сместување и храна, а значителен дополнителен приход претставува бакшишот. Поради тоа, сезонската работа останува атрактивна опција, особено за младите и за оние што бараат привремена заработка и искуство.
Според Зоран Кочоски од агенцијата „Коузон“, Хрватска годинава има потреба од околу 125 илјади работници, од кои над 50 илјади во туризмот. Сепак, интересот не бележи значителен раст поради зголемените трошоци и конкуренцијата од работници од други земји.
Тој додава дека не се очекува бројот на македонски работници да ја надмине границата од 15 илјади, и покрај стабилната побарувачка.
