АВМУ со „лекција“ за новинарот Адеми за непристојниот однос кон министерката Јаневска

Македонија

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) излезе со свој став за пречекорената линија на пристојност од новинарот Невриј Адеми кон министерката за образование и наука Весна Јаневска во Тетово.

„Во врска со непристојниот однос на новинарот Невриј Адеми кон министерката за образование и наука, Весна Јаневска, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги посочува дека медиумските работници при извршување на својата професија треба доследно да ги почитуваат професионалните новинарски стандарди и принципи.

Комуникацијата помеѓу новинарите и носителите на јавни функции треба да биде коректна, достоинствена и базирана на заемна почит, со висок степен на професионализам и одговорност.

Агенцијата потсетува дека критичкото известување и поставувањето прашања се суштински дел од новинарската работа, но тие треба да бидат формулирани и презентирани во согласност со етичките норми на начин што не навредува, не дискредитира и не создава непотребни тензии“, соопшти АВМУ.

При посетата на тетовското училиште „Моша Пијаде“ Адеми ја праша Јаневска дали си зела преведувач, а на нејзиниот негативен одговор тој ѝ дофрли: „Ти кажавме кога ќе дојдеш во Тетово да земеш преведувач“

Јаневска на тоа реагира дека не ѝ треба преведувач и оти не знае кому му треба преведувач во Македонија за македонски јазик.