„Ме фати за врат во канцеларија“: Кога белите мантили стануваат мета, а чекалните – боишта
Пред два дена го одбележуваме 12-ти март, Европскиот ден против насилството врз лекарите, а суровата статистика во Македонија го расипува викенд раатот: дури 70% од лекарите кај нас доживеале некаква форма на насилство на своето работно место.
Психијатар на нишан „Не знаеме веќе кога сме пациенти, а кога лекари“, вели психијатарот Кадри Хаџијамза, споделувајќи шокантно сведоштво за напад во сопствената канцеларија, објави 4news.mk Пациент кој не ја примал редовно терапијата го нападнал физички, фаќајќи го за врат во простор каде што „немаш каде да избегаш“. Иако полицијата интервенирала брзо, Хаџијамза подоцна ја повлекол пријавата, разбирајќи ја состојбата на својот пациент.
Зошто пука „филмот“ во чекалните?
Според медицинските лица, главниот „фитиљ“ за агресија е баналната, но мачна причина – чекањето ред.
80% од лекарите се соочуваат со вербални навреди.
7% доживеале директен физички напад.
Д-р Калина Гривчева-Старделова од Лекарската комора е децидна: „Ќотекот не е решение“. Таа потсетува дека незадоволството има своја адреса – жалба до директорот, до институциите или судот, наместо тупаници врз оние што треба да ве лекуваат.
Решението е во технологијата и законот?
Министерот за здравство, Азир Алиу, најавува дека лекот за фрустрациите на граѓаните е во дигитализацијата. Идејата е едноставна: ако пациентот на екран гледа точно уште колку време ќе чека, нивото на револт ќе се намали. Во меѓувреме, насилството врз здравствен работник веќе се третира како напад врз службено лице – дело за кое се оди во затвор.
Пораката е јасна: Системот можеби е болен, но лекарите не се виновни за тоа. Пред да „пламне“ револтот во ходникот, сетете се дека и тие под мантилите се само луѓе.
