Проданоски: 100 дена со конкретни резултати во Прилеп

Македонија

Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, ги презентираше резултатите од првите 100 дена од својот мандат, оценувајќи дека станува збор за период исполнет со интензивна работа, важни одлуки и конкретни проекти.

На настан посветен на овој период, Проданоски истакна дека транспарентноста и отчетноста биле клучни принципи во работењето на локалната самоуправа, нагласувајќи дека функцијата градоначалник ја гледа како обврска, одговорност, но и чест да му служи на градот.

„Сто дена можеби изгледаат кратко, но кога се исполнети со посветена работа, соочување со предизвици и поставување темели за идниот развој, нивното значење станува големо“, изјави Проданоски.

 

Тој посочи дека во изминатиот период биле донесени одлуки за стабилен финансиски развој и реализирани повеќе инфраструктурни проекти кои веќе го менуваат изгледот на градот. Меѓу нив се изградбата на кружен тек кај мостот Табана, реконструкцијата на тротоарот и поставувањето ново осветлување на улицата „Кеј 1 Мај“, како и обновата на спортските игралишта во населбата Точила.

Дополнително, во тек е реконструкција на дел од плоштадот „Методија Андонов-Ченто“, а реализирани се и еко-акции за чистење и уредување на јавните површини, вклучително и чистење на градската река. Градоначалникот истакна дека се вложува и во образованието, спортот, културата и социјалната заштита, со цел обезбедување одржлив и сеопфатен развој.

Проданоски упати благодарност до општинската администрација, јавните претпријатија и Владата за поддршката, истакнувајќи дека заедничката работа е клучна за постигнатите резултати.

„Сто дена се само почеток. Продолжуваме со иста енергија и посветеност, со фокус на младите, семејствата, инфраструктурата и чистата животна средина“, порача Проданоски.