Божиновска: Воведуваме криза за да спречиме поголеми последици во снабдувањето со струја
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска изјави дека воведената кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија е резултат на ненадејните околности и има превентивен карактер, нагласувајќи дека АД ЕСМ ги спровело сите набавки согласно планот. Таа посочи дека штрајкот на земјоделците во Грција, кој трае со денови, не можел однапред да се предвиди.
Одговарајќи на пратеничко прашање, Божиновска истакна дека иако АД ЕСМ е под надлежност на Владата и Министерството, институцијата нема директни ингеренции врз штрајкот и снабдувањето со енергенси од странство, но како одговорна Влада е донесена одлука за воведување кризна состојба во траење од седум дена.
Пратеничката од ДУИ, Рина Ајдари, оцени дека не се работи за енергетска, туку за „криза на неодговорности“, прашувајќи зошто навреме не биле преземени мерки за заштита на граѓаните од ценовен шок поради поскапувањето на струјата.
Божиновска одговори дека Владата без надомест ќе ги стави на располагање државните резерви на мазут и ќе му овозможи на АД ЕСМ да ги користи, со цел непречено производство на електрична енергија додека трае штрајкот во Грција, а по неговото завршување резервите повторно да се надополнат.
Во однос на цената на електричната енергија, министерката нагласи дека таа е во надлежност на Регулаторната комисија за енергетика. И покрај тоа што според Реформската агенда државата треба да субвенционира 75 проценти од износот, таа рече дека Владата обезбедува 100 проценти поддршка за граѓаните.
„Цените на пазарот се над 100 евра, а ние обезбедуваме струја по цена од 65 евра за да нема ценовни шокови. Околу 70 проценти од граѓаните се во првиот блок. Иако инфлацијата е околу 4 проценти, поскапувањето на струјата изнесува само 2,25 проценти“, изјави Божиновска.
Таа информираше и дека со новиот Закон за енергетика, кој е целосно усогласен со европското законодавство, првпат се воведува концептот на енергетска сиромаштија. Предвидени се финансиска помош и дополнителни мерки за заштита на ранливите категории, вклучително и забрана за исклучување од електрична енергија во текот на зимските месеци.
