Коњановски: Битола ја јакне поддршката за „Специјална олимпијада“
Општина Битола и Спортскиот клуб „Специјална олимпијада – Битола“ потпишаа Меморандум за соработка со кој се воспоставува стратешка, долгорочна и одржлива соработка насочена кон развој на спортските активности и инклузијата на лица со интелектуални попречености.

Меморандумот го потпиша градоначалникот Тони Коњановски, со што општината се обврзува да обезбеди институционална, логистичка и организациска поддршка за активностите и настаните на клубот, користење на спортски објекти согласно условите и процедурите, поддршка во промоција на инклузивни спортски програми и јавни кампањи, како и соработка во развој на локални инклузивни политики и иницијативи.
Спортскиот клуб „Специјална олимпијада – Битола“, предводен од претседателката Ана Котевска, ќе реализира спортски тренинзи и програми согласно стандардите на „Специјална олимпијада“, ќе ја информира навремено општината за планираните активности од заеднички интерес и ќе работи на вклучување на лица со интелектуални попречености во спортски програми и натпревари, во соработка со општински институции, училишта и спортски субјекти.
Меморандумот се склучува на период од четири години, со можност за продолжување, и предвидува заедничка организација на спортски манифестации, фестивали и јавни настани, промоција на инклузивни вредности и подигање на јавната свест, поддршка за тренери и волонтери, како и создавање услови за одржлив развој на програмите на „Специјална олимпијада“ во Битола.
