Акција на Општина Прилеп: Проданоски со увид на работите во речното корито
Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, денес изврши увид во градежните активности што се спроведуваат во рамките на акцијата за чистење на големото корито на Градската река. Работите моментално се одвиваат на потегот покрај улицата „Кеј 1-ви Мај“, во населбите Чачорица и Бончејца, каде екипите активно работат веќе една недела.
Според Проданоски, досега се отстранети над 300 кубни метри насип, а активностите ќе продолжат до железничкиот мост на кејската улица. Потоа ќе започне втората фаза од проектот, која опфаќа зафати кон мостот на улицата „Трајко Николоски“.
И покрај интензивните врнежи во последните денови, градоначалникот ги увери граѓаните дека состојбата со водостојот е стабилна и дека во моментов нема опасност од излевање на реката.
Тој упати благодарност до јавните комунални претпријатија и Подрачната единица на Водостопанство на Македонија – Прилепско Поле за нивната механизација и активен придонес во акцијата.
Проданоски воедно апелираше до граѓаните да не фрлаат отпад во речното корито, предупредувајќи дека тоа предизвикува штети и можни хаварии, и потсети дека постојат јасно определени локации за соодветно депонирање.
„Мораме сите заедно да се грижиме за побезбеден и почист Прилеп,“ порача градоначалникот.
