Милошоски до амбасадата на Кина: Различни мислења се нормални во демократија

Македонија

Во однос на реакцијата на амбасадата на НР Кина во Македонија би сакал со почит да истакнам неколку поенти:

Прво, официјалната политика на Македонија кон НР Кина останува непроменета, со почитување на принципот на нивната сувереност и територијалниот интегритет на една Народна Република Кина. Уверен сум дека заедничките проекти и соработката во сите области ќе продолжат со несмален интензитет, од кои двете држави како рамноправни партнери ќе имаат взаемна корист.

Второ, избраните претставници во Собранието на Р. Македонија имаат легитимитет и право да остваруваат средби со секој добронамерен поединец или делегација, водејќи се од духот на отворена размена на мислења за релевантни меѓународни теми. Средбата со претставниците од Канцеларијата Официјален Тајпеј во Рим беше остварена како љубезна куртоазна средба, без никаков дипломатски предзнак и без никаква намера да се редефинираат односите или официјалната политика на Македонија кон НР Кина. Напротив, средбата беше во знак на благодарност за нивната поддршка на Универзитетската клиника за педијатрија и како можност за мирољубив и информативен дијалог. На средбата учество земаа пратениците Рашела Мизрахи, Фатмир Битиќи и мојата маленкост, Антонијо Милошоски.

 

И на крајот, различните мислења и ставови се нормална и очекувана појава во секое демократско општество. Верувам дека и претставниците на НР Кина ќе ја разберат оваа средба како можност за поголема информираност и за подобро разбирање на теми кои го привлекуваат вниманието на пошироката меѓународна дипломатска јавност.