Божиновска: Националниот инвентар на јавни згради ќе донесе паметни инвестиции и помали трошоци

ЕКОНОМИЈА / ФИНАНСИИ, Македонија

Процесот за воспоставување на првиот Национален инвентар на јавни згради официјално започна, отворајќи ново поглавје во начинот на кој државата ќе планира, инвестира и управува со својот јавен инфраструктурен фонд. Новата база на податоци треба да обезбеди целосна слика за состојбата, енергетската ефикасност и потребите од инвестиции во сите јавни објекти низ земјата.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска истакна дека оваа платформа конечно ќе овозможи државата да знае „каде троши, каде губи и каде мора веднаш да инвестира“. Според неа, без точни и целосни податоци не може да се креираат паметни политики, ниту да се обезбедат одржливи енергетски решенија.

Со воспоставувањето на системот ќе се овозможи реконструкција со јасни приоритети, реални енергетски заштеди, намалување на трошоците, подобрување на јавните услуги, како и директен придонес кон почист воздух и поефикасни институции.

Божиновска упати голема благодарност до партнерите – Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ) и Француската агенција за развој (AFD) – за, како што рече, континуираната поддршка и силното партнерство во спроведувањето на оваа клучна реформа.