Ново поглавје во управувањето со отпадот: Прилеп доби грант од 50.000 долари

Македонија, Политика

Општина Прилеп е прворангиран добитник на грант од 50.000 американски долари во рамки на Третиот повик на Фондот за техничка документација (ФТД). По деталната евалуација на пристигнатите апликации, проектот на Општината е оценет како најквалитетен и најперспективен за развој на еколошката инфраструктура.

Средствата ќе бидат искористени за изработка на техничка документација за капиталниот проект:
„Постројка за складирање, третман и преработка на биоразградлив и инертен отпад“ – еден од најважните чекори кон модерно и ефикасно управување со отпадот во Прилеп.

Две нови современи инсталации за одржлив развој

Проектот опфаќа подготовка на комплетна документација – од урбанистички проект, основни проекти, па сè до стручна ревизија – за изградба на две клучни инфраструктурни решенија:

Компостара за третман на биоразградлив отпад, со која 48–55% од органскиот отпад ќе се претвора во висококвалитетен компост за земјоделство и озеленување.

Инсталација за преработка на градежен шут, со која отпадниот материјал ќе се трансформира во корисен гранулат за тампонирање улици и патишта.

Овие системи ќе овозможат значително намалување на депонираниот отпад, пониски емисии на стакленички гасови, подобрена функционалност на депонијата „Омец“ и воведување на принципите на циркуларна економија во општинските практики.

Клучни придобивки за Прилеп

Со реализацијата на овој проект, Општина Прилеп ќе обезбеди:

помало загадување и подобра заштита на животната средина;

современи и ефикасни решенија за третман на биоразградлив и инертен отпад;

подобрени услуги на јавната чистота;

усогласување со европската и националната регулатива;

напредок во исполнување на Целите за одржлив развој на ООН.

Финансиска рамка

Грант од ФТД: 50.000 УСД

Сопствено кофинансирање: минимум 10.000 УСД

Проценета вредност на техничката документација: 59.285,83 УСД

Проценета инвестиција за изградба: 2.939.942,42 УСД

Планирано времетраење: 3–5 години

Проектот се реализира со поддршка од УНДП, финансиран од Шведска и Бирото за регионален развој.

Со ова, Прилеп уште еднаш ја потврдува својата посветеност на еколошките политики и создавањето на чиста, здрава и одржлива средина за сите граѓани.