„Тешкото“ одекна во срцето на Европа – Македонската филхармонија прослави 80 години во Виена (видео)
Со концерт во славната „Златна сала“ на виенскиот „Музикферајн“, Македонската филхармонија го одбележа големиот јубилеј – 80 години од своето формирање. Настанот се одржа на една од најпрестижните концертни сцени во светот, каде традиционално се изведува и новогодишниот концерт на Виенската филхармонија.
Под диригентската палка на маестро Јерухам Шаровски од Израел, македонскиот оркестар ѝ приреди на виенската публика вечер исполнета со емоции, виртуозност и национален дух. На програмата беа делата „Симфонија бр. 8“ од Антонин Дворжак, „Македонска парафраза бр. 2“ од Бете Илин, како и импресивната изведба на „Тешкото“ од Глигор Смокварски – момент кој предизвика бурни реакции и долготраен аплауз во салата.
Покрај симфонискиот репертоар, специјални гости на вечерта беа Ана и Игор Дурловски, кои со маестрални интерпретации на македонски народни песни како „Кажи Анѓо“, „Дејгиди луди млади години“, „Калино моме“ и други познати композиции, во уметнички аранжмани на Сони Петровски, го освоија срцето на виенската публика.
Настапот на Македонската филхармонија во Виена беше пречекан со огромен интерес и почит, потврдувајќи ја нејзината репутација како врвен уметнички колектив кој достојно ја претставува македонската музичка култура на светската сцена. На официјалниот профил на Филхармонијата беше објавено и видео од изведбата на „Тешкото“, кое предизвика големи емоции и бројни позитивни реакции од јавноста.




