Ѓорѓевски за Newsmax Balkans: Конечно се воспоставува рамноправност меѓу македонските компании и странските платформи

ЕКОНОМИЈА / ФИНАНСИИ, Македонија

Сојузот на стопански комори на Македонија ја поддржува иницијативата на Владата за укинување на ослободувањето од ДДВ за пратки со вредност под 22 евра, кои пристигнуваат преку интернет-платформи како Temu и AliExpress. Со измените, сите вакви пратки ќе подлежат на 18% данок на додадена вредност.

Горан Ѓорѓевски од Сојузот изјави за Newsmax Balkans дека оваа мерка претставува важен чекор кон воспоставување рамноправна и правична конкуренција на пазарот, меѓу домашните компании и странските онлајн продавници кои досега продаваа без оданочување.

„Со укинувањето на ослободувањето од ДДВ се создава правилен конкурентски амбиент, каде сите компании — и домашни и странски — ќе можат под еднакви услови да пристапат до купувачите. Овој потег е од особено значење за бизнис-заедницата,“ рече Ѓорѓевски.

 

Тој додаде дека мерката ќе придонесе и за зголемување на приходите во државниот буџет. „Со измената се очекува околу 4 милиони денари дополнителни средства да се вбризгаат во буџетот. Можеби тоа не е голема сума, но претставува исправен чекор што ја зајакнува правичноста и создава вистинска конкуренција на пазарот,“ нагласи Ѓорѓевски.

Според Владата, новите правила ќе овозможат пофер услови за домашните трговци, кои досега беа во нерамноправна позиција во однос на глобалните интернет-платформи.