Македонија го укинува дискреционото право на директорите во вработувањето на лекари

Македонија

Министерот за здравство, Азир Алиу, најави укинување на дискреционото право на директорите на болници да вработуваат лекари од партиски списоци. Ова право редовно се злоупотребуваше, при што, и покрај официјалните конкурси и рангирања, директорите си ги вработуваа кандидатите од партиските листи.

Алиу во интервју за Агенда 35 на МРТВ истакна дека лично е против оваа практика и дека новите законски измени ќе го отстранат овој дискреционен елемент, со цел процесот на вработување да биде транспарентен и меритократски. „Докторот или медицинската сестра кои ќе бидат вработени, ќе бидат избрани според заслуги, а не според политичка припадност“, рече министерот.

Тој истакна дека и покрај можниот политички притисок, Владата е решена здравството да остане департизирано, бидејќи сите граѓани се потенцијални пациенти и професионализмот во системот е клучен.

 

Оваа иницијатива е резултат на повеќегодишна акција на граѓански организации и здруженија на млади лекари, кои преку дебати и интервјуа ги истакнаа проблемите со партискиот клиентелизам во здравствениот систем. Укинувањето на дискреционото право се смета за клучен чекор кон департизација и подобрување на квалитетот на здравствените услуги во Македонија.

Извор: solucija.mk