ДОБРО УТРО со Аматерката и УКОР ДО НАЦИЈАТА

аматерката, Балкан, Добро утро, Македонија, Политика

пишyвa д-p. Aмaтepкaтa, вoнpeдeн пpoфecop нa eдeн фaкултет

УКОР ЗА НАРУШЕНАТА  НОРМАЛНОСТ НА  НАЦИЈАТА
Се прашувам, имаме ли оформена државност или политичка волја за државност?  Умееме ли да се организираме во рамките на една  (наша)  држава со заеднички политички проект за просперитет?
Очигледно не ни‘ оди баш најдобро…
Македонското општество одамна разви посебна вештина , да се занимава со сè друго, освен со себе. Народот што знае до детал каква е состојбата во Газа, ретко забележува дека и во сопствените населби има семејства кои вечераат само леб и чај. Со искрена грижа ја следиме трагедијата на украинските бегалци, но со рамнодушност ја прифаќаме масовната миграција на сопствената младина. Чудесно, нели? За светот сме сочувствителни, за сопственото семејство, речиси имуни.
Занес по политичари и „аналитичари“ . На таа сцена, посебно место има занесот по политичари и разно-разни „аналитичари“ со палестински марами. Со страст и патос, тие толкуваат туѓи конфликти и геополитички шаховски партии, создавајќи илузија дека со нивното знаење светот ќе се промени. Но во пракса, тие нè водат кон уште подлабоко слепило за сопствените неправди. Иронијата е дека ние, наместо да се смееме на оваа претстава, со задоволство аплаудираме. Аплаузите ни стануваат поважни од сопствениот глас.
Си играме политика без сопствен интерес. Знаеме кој ќе победи во Турција, кој ќе владее во Србија, и дури која партија во Грција ќе освои повеќе пратеници. Но кога ќе се спомне нашето Собрание – молк. Програмите на македонските партии остануваат непозната територија, како мистериозен ракопис напишан на непознат јазик. Народот кој громогласно ја осудува неправдата на Косово, прекрасно умее да замолчи пред неправдата во сопствените судници.
Иронија на селективниот патриотизам. Дури и во спортот, патриотизмот ни е селективен. Се радуваме на триумфот на српските тенисери, на грчките кошаркари или на турските фудбалери, а забораваме дека на децата им недостигаат игралишта. Го осудуваме загадувањето на светот, но ќутиме пред отровот што го дишеме во сопствените градови. Го славиме туѓиот херој, а не го препознаваме сопствениот. Светот може да биде првак, ние можеме да бидеме публика.
А македонскиот интерс, заборавен. Овој континуитет на „алтруистичка грижа“ е наивен, но и самоуништувачки. Кога постојано се возбудуваш за туѓи победи и трагедии, а не ја препознаваш сопствената, испаѓа дека твојата историја не ја пишуваш ти – туку ја препишуваш од другите. А македонскиот интерес е едноставен: достоинствен живот, сигурни институции, работа со почит, иднина за младите. Но токму тоа е најчесто невидливо. За туѓото секогаш имаме зборови и емоции; за своето – молк.
И што да заклучам на крај, освен СРАМ! Срамно е, народе, но уште посрамно е што ти ова го нарекуваш нормалност. Ако не почнеш да го ставаш својот интерес над туѓиот, ќе останеш народ кој со восхит ги слушал „аналитичарите со марами“ и знаел секоја туѓа приказна – но никогаш не ја напишал својата.