
ПУТИН И ТРАМП ПРВО ЌЕ СЕ СРЕТНАТ ЕДЕН НА ЕДЕН, ЌЕ РАЗГОВАРААТ ЗА УКРАИНА И ТРГОВИЈА, ОБЈАВИ КРЕМЉ
Кремљ ги објави деталите за претстојниот историски самит Доналд Трамп-Владимир Путин, што ќе се одржи утре во воената база „Елмендорф-Ричардсон“ во Енкориџ, Алјаска. Тој ќе почне во 11:30 часот по локално време, односно во 21:30 часот по средноевропско време и двајцата лидери прво ќе имаат средба еден на ден во присуство на преведувачи, изјави советникот за надворешна политика на Кремљ, Јури Ушаков.
„Потоа следуваат поширок состанок со делегации и работен појадок. Украина ќе биде централната тема, но ќе се разговара и за трговија и економска соработка“, изјави Ушаков.
Во руската делегација ќе бидат и Ушаков, министрите Сергеј Лавров (надворешни работи), Андреј Белоусов (одбрана) и Антон Силуанов (финансии) и влијателниот шеф на Рускиот независен фонд, Кирил Дмитриев.
„Се очекува Трамп и Путин да одржат заедничка прес-конференција по завршувањето на самитот, што би требало да биде голем, голем момент“, кажа Ушаков.
Засега не е објавено со кого ќе патува Трамп, кој вчера телефонски разговараше со Володимир Зеленски и одржа виртуелна средба со лидерите на Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Финска и Полска, Урсула фон дер Лајен и шефот на НАТО, Марк Руте. Тој кажа дека ќе се слушне со нив и по завршувањето на самитот со Путин.
Трамп вчера ѝ се закани на Русија со сериозни последици ако Путин не сака да ја заврши војната. Пред вчерашната средба во Берлин, Русија го повтори својот став дека прекин на огнот може да има само ако Украина се откаже од четирите региони што Путин незаконски ги анектираше, Луганск, Доњецк, Запорожје и Херсон и дека мора да има гаранции дека Украина нема да стане членка на НАТО.