Пензијата се понедостижна, работниот век во ЕУ зголемен на рекордни 37 години

Дали Знаете

Очекуваниот работен век во земјите од Европската унија (ЕУ) постојано се зголемува во последните децении, што значи дека луѓето поминуваат сè повеќе години на работа.

Според Евростат, во 2024 година просечниот работен век во ЕУ бил 37,2 години, што е зголемување од 2,4 години, или 7%, во споредба со 2014 година, кога бил 34,8 години. Во рамките на ЕУ, очекуваниот работен век се движи од 32,7 години во Романија до 43,8 години во Холандија. Кога земјите-кандидатки за ЕУ и земјите од ЕФТА се вклучени во пресметката, опсегот се движи од 30,2 години во Турција до 46,3 години во Исланд- објави Блиц-бизнис.рс.

Географските обрасци се јасни: земјите од Северна Европа, особено нордиските земји, го водат приматот. Исланд е на врвот со 46,3 години, по што следат Холандија (43,8), Шведска (43), Данска (42,5), Норвешка (41,2) и Финска (39,8). Западна Европа, исто така, има високи просеци – Швајцарија (42,8), Ирска (40,4) и Германија (40) се меѓу лидерите. Сепак, Франција (37,3), Белгија (35) и Луксембург (35,6) се околу или под просекот на ЕУ.

Јужна Европа бележи мешани резултати – Португалија (39,3) и Малта (39) се над просекот, додека Италија (32,8), Грција (34,8) и Шпанија (36,5) се значително пониски.

Источна Европа е претежно околу просекот – Унгарија (37,4) цврсто стои, додека Романија (32,7) и Бугарија (34,8) заостануваат. Југоисточна Европа и Балканот, вклучувајќи ја Турција (30,2), Северна Македонија (31,5) и Црна Гора (32,1), имаат најкраток работен век – податоците за Македонија и Црна Гора се од 2018 година.

Според професорот Мориц Хес од Универзитетот за применети науки Нидеррајн, клучните фактори се побарувачката за работници – колку е повисока, толку подолго работат луѓето, институционална рамка – правила за пензионирање и пазар на трудот, вклучувајќи ја и возраста за пензионирање. Потоа возрасна дискриминација (ageism). Во земјите каде што постарите работници не се дискриминирани, тие остануваат подолго на работа.

Евростат наведува дека дури 81,5% од разликата во очекуваниот животен век може да се објасни со стапката на учество во работната сила – земјите со пониска стапка имаат пократок работен век.

Неколку земји веќе ја зголемија возраста за пензионирање. ОЕЦД проценува дека до 2060 година просечната возраст за пензионирање во ЕУ ќе биде близу 67 години, а во некои земји дури и над 70 години.