МВР поднесе пријава за момците кои качени на хауба се возеа по скопските улици

Македонија, Хроника

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека во врска со видеото кое вчера започна да кружи на социјалните мрежи на кое се гледа како група момци се движат по булеварот „Партизански одреди“ качени на хауба, момците се пронајдени и со нив е извршен службен разговор, а против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Според МВР, возачот на возилото бил од Скопје, на возраст од 20 години и возилото го управувал без возачка дозвола, а добил и казна за управување возило без регистарски таблички. Исто така, санкциониран е и 19-годишникот кој стоеше на хаубата додека возилото беше во движење.

„Против возачот С.З. (20) од Скопје по член 167 став 2 (поради превезување лице на надворешните делови од возилото) и член 225 став 9 (возење без возачка дозвола) од ЗБСП и член 26 став 10 од Законот за возила (управување возило без регистарски таблици), како и против лицето што стои на хауба Р.Ѓ. (19) од Скопје по член 317 став 14 (му дал да управува возило на лице без возачка дозвола) и член 165 став 2 (прави дејствија со кои ја загрозува својата безбедност), информираат од МВР.