
Османи: Антиалбанските скандирања во Куманово се неприфатливи, ќе го браниме достоинството на Албанците каде и да живеат
Косовската претседателка, Вјоса Османи денес ги осудила антиалбанските скандирања за време на кошаркарскиот натпревар меѓу Македонија и Романија во Куманово, наведувајќи дека се неприфатливи и порачала дека Косово ќе го брани достоинството на Албанците каде и да живеат, објави косовски „Репортери“.
Во изјавата, Османи посочила дека антиалбанските скандирања го нарушуваат духот на соживот и меѓусебното почитување, што, како што наведува, треба да биде основа на секое демократско општество со европски аспирации.
Таа нагласила дека Албанците се „автохтон народ на своите вековни огништа и заслужуваат да бидат третирани со достоинство и еднаквост, како и секоја друга заедница“.
Според неа, особено е загрижувачки што највисоките државни функционери во Скопјe не реагирале на говорот на омраза и ексклузивност, истакнувајќи дека тие „оставаат простор за реторика што ја поткопува меѓуетничката толеранција и хармонија што земјата се обидува да ја изгради на својот пат кон европското семејство“.
„Спортот треба да обединува, а не да биде платформа за темни идеологии што се болни спомени и го загрозуваат мирот“, подвлекла Османи, пренесува „Репортери“.
Таа ги повикала македонските институции да преземат итни мерки против оние што скандираа и оние што поттикнуваат и шират омраза, да осудат секаков облик на говор на омраза и да ги заштитат принципите на соживот и толеранција како основни вредности на земја што се стреми да се приклучи кон ЕУ.
„Косово решително ќе го брани достоинството на Албанците каде и да живеат“, додала Османи.
Во меѓувреме, Основното јавно обвинителство во Куманово покрена постапка и издаде упатства за истрага на елементите на кривичното дело по скандирањето на кошаркарскиот натпревар. Денеска и премиерот Христијан Мицкоски ги осуди националистичките скандирања.