
Голем удар за СДСМ: Мишко Ралев се приклучи во тимот на Орце Ѓорѓиевски
Мишко Ралев, кој до пред неколку дена беше еден од двајцата најсериозни конкуренти да бидат предложени за кандидати за градоначалник на Град Скопје со поддршка од СДСМ, од денес е дел од тимот на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски.
Ова го соопшти самиот градоначалник на Кисела Вода. За Ралев како професор и архитект се шпекулираше дека самиот го известил СДСМ дека не сака да биде кандидат за градоначалник поради голема веројатност да биде поразен. СДСМ потоа објави дека на локалните избори ќе оди со Каја Шукова како кандидат.
„Голема чест и искрена благодарност до професорот Мишко Ралев што се приклучува во мојот тим за поубаво Скопје. Со своето богато искуство, визија и интегритет, тој претставува силна поддршка и уште поголема мотивација за нас. Академската заедница и научно-истражувачката дејност на реномираните професори секогаш ќе имаат отворена врата и заслужено место во визијата за напредно и современо Скопје. Заедно ќе работиме Скопје повторно да го направиме достоинствен град — град на идеи, вредности и иднина!“, објави Ѓорѓиевски.
Инаку Ралев е најпознат во јавноста по тоа што беше голем критичар на проектот „Скопје 2014“, започнат од претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ.