Омерагиќ: Шкендија го потврдува квалитетот на македонскиот фудбал во Европа

Спорт

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Месер Омерагиќ, им упати честитка на фудбалерите, стручниот штаб и раководството на ФК Шкендија по синоќешната победа и пласманот во третото квалификациско коло за Лигата на шампионите.

„Браво момци! Честитки за победата и пласманот во 3. коло од квалификациите за Лигата на шампиони. Чекор по чекор, заеднички докажуваме дека во Македонија се игра квалитетен фудбал“, напиша Омерагиќ во пораката.

Тој се заблагодари и на навивачите за поддршката и изрази надеж за нови успеси на европската сцена.

„Продолжете да нѐ радувате. Се надеваме на нови победи во европските натпревари“, порача претседателот на ФФМ.