
Коњановски: Работа, развој и резултати
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, преку ново промотивно видео ги презентираше некои од клучните проекти реализирани во општината, кои, како што нагласи, имаат за цел да го подобрат квалитетот на животот и да придонесат кон модерен урбан развој на градот.
Во видеото се издвоени повеќе значајни инвестиции меѓу кои партерното уредување на Офицерскиот дом – еден од симболите на Битола, потоа целосното осветлување на фудбалскиот стадион „Петар Милошевски“, реконструкцијата на спортската сала „Боро Чурлевски“, како и санацијата и модернизацијата на повеќе спортски терени низ градот.
Проектот „Битола Вело-Град“, кој добива се поголема поддршка од граѓаните, се истакнува како еден од чекорите во насока на промовирање на алтернативен транспорт и здрава животна средина. Реконструкцијата на патеката Тумбе кафе – Смолево е уште еден од проектите кој, според Коњановски, придонесува кон зголемување на рекреативните зони и природните врски на градот.
„Работа, развој и резултати се нашето мото. Секој проект е резултат на посветеност и работа за граѓаните на Битола“, порача Коњановски во објавата, потенцирајќи дека во наредниот период ќе продолжат со нови инфраструктурни и комунални зафати, согласно програмата за работа на Општината.