Меџити: Го ставаме крајот на дивиот пазар на коцкање – младите ќе бидат заштитени

Македонија

Владата го усвои новиот Предлог-закон за игрите на среќа, кој донесува суштински промени во еден сектор што со години наназад функционираше без доволен надзор и контрола. Според првиот вицепремиер Изет Меџити, овој закон претставува клучен чекор во заштитата на младите и граѓаните од штетното влијание на коцкањето.

Со новите законски решенија, коцкарниците, автомат-клубовите и спортските обложувалници ќе бидат дислоцирани подалеку од образовните установи. „Ќе ја исчистиме околината на училиштата од влијанието на оваа деструктивна индустрија. Учениците повеќе нема да бидат изложени на коцкарска култура – младите ќе бидат заштитени, како што заслужуваат,“ порача Меџити.

Законот предвидува построги правила, повисоки даноци и строги услови за работа, со цел да се елиминираат операторите кои досега работеле на штета на граѓаните и институциите.

„Стававме крај на времето кога профитот од коцкање беше поважен од благосостојбата на граѓаните. Ова е закон во интерес на обичниот човек – на ученикот, на родителот, на семејството,“ рече Меџити, додавајќи дека оваа Влада покажала дека кога има политичка волја, промените се можни.

Новиот закон ќе започне со примена по неговото изгласување во Собранието.