
Меџити: Усвоивме закони и инвестиции што ќе донесат вистински промени за граѓаните
Првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити, информираше за низа важни одлуки што ги усвои Владата, со кои, како што рече, се прават конкретни чекори во интерес на граѓаните.
Меѓу нив е усвојувањето на Законот за средни училишта на верските заедници, познат како Закон за Медресата, со кој се уредува статусот и функционирањето на овие образовни институции.
Дополнително, усвоен е и нов Закон за игрите на среќа, чија главна цел е дислокација на коцкарниците и казината надвор од населените места, со што се зајакнува борбата против зависноста од коцкање и заштитата на младата популација.
Во здравствениот сектор се издвојуваат 205 милиони евра за целосна реконструкција на Клиничката болница во Тетово, изградба на нова болница во Кичево и реконструкција на болницата во Штип.
Обезбедени се и 110,5 милиони денари за изградба на нов водоводен систем за селата Љуботен и Љубанци во општина Бутел, а се предвидува и санација на спортските терени низ сите населени места.
„Не ветуваме – реализираме. Работиме за реални промени кои граѓаните ги чувствуваат секојдневно. Тоа е нашата определба и наша обврска,“ истакна Меџити.