
Напредува реконструкцијата на булеварскиот влез во Битола – започна асфалтирањето
На улицата „8 Септември“ во Битола започна асфалтирањето на првиот слој асфалт на делница во должина од 200 метри, од став 0+400 до 0+600. Ова претставува прва фаза од реконструкцијата на булеварскиот влез во градот од правецот на Прилеп.
Од Општина Битола информираат дека градежните активности ќе продолжат со зголемено темпо и во наредните денови, со цел навремена и квалитетна реализација на овој значаен инфраструктурен зафат.
Покрај асфалтирањето, во тек е и техничко поврзување на новата водоводна линија со пречник од ф450 со постојната мрежа, што претставува клучен сегмент од модернизацијата на комуналната инфраструктура во овој дел од градот.
Со оваа инвестиција, Општина Битола најавува подобрување на влезно-излезниот сообраќајен капацитет и зголемена безбедност и квалитет на животот за граѓаните.