
Коњановски со историски ребаланс: 707 милиони денари од Владата за Битола
На денешната седница на Советот на Општина Битола, градоначалникот Тони Коњановски го претстави ребалансот на буџетот за 2025 година, кој го нарече „историски ден за Битола“. Главна причина за ребалансот се 707 милиони денари што општината ги добила од Владата на Република Македонија како поддршка за проектите поднесени на последниот владин повик.
„Никогаш досега една Влада не одвоила толкави средства за Битола“, изјави Коњановски, кој побара поддршка од советниците за реализација на проекти од витално значење.
Ребалансот опфаќа голем број капитални инвестиции, меѓу кои:
- изградба на три нови спортски сали во основни училишта,
- реконструкција на девет училишни спортски игралишта,
- шест нови паркинзи со преку 150 паркинг-места,
- изградба на атлетска патека на стадионот „Петар Милошевски“,
- обнова и изградба на десетици улици низ градот и населените места,
- инвестирање во образованието, старскиот дом, противпожарната единица, Зоолошката градина и ЈП Пазари.
Особен акцент беше ставен на проектите кои се дел од поддршката на Владата и Европската инвестициона банка преку Министерството за животна средина. Градоначалникот ги повика советниците конечно да ги изгласаат одлуките за грант-средствата, кои неколкупати не добиваа поддршка. „Ние како општина ништо не финансираме, добиваме грант кој нема да го враќаме, освен ако не се однесуваме неодговорно“, порача Коњановски.
На дневен ред беше и усвојувањето на нацрт-ДУП за Запад 08.01, со кој се предвидува изградба на нов спортски комплекс во Нова Битола со капацитет од 5.000 гледачи, како и основно училиште, детска градинка, старски дом, колективно домување и голема површина на парково зеленило. „Битола сака спорт“, истакна градоначалникот, додавајќи дека со новиот ДУП се предвидува и развој на сообраќајна мрежа и проширување на урбаното јадро на градот.
Дополнително, беше најавена и изградба на нов систем за водоснабдување со замена на потисниот цевковод со нова цевка Ф800, во должина од 2.6 километри. Целта е стабилизирање на водоснабдувањето за Битола, Новаци и Могила.
„Битола станува велоград“, рече Коњановски, најавувајќи нови велосипедски патеки, уредување на тротоари и поврзување на булеварите во Нова Битола.
Градоначалникот порача дека финансиската кондиција на Општината е стабилна, сите обврски се подмирени до 30 јуни 2025 година, а реализацијата на буџетот надминува 40% во вториот квартал. Со ова, според него, Битола е подготвена за нов инвестиционен циклус.