
Голем успех за млад македонски хемичар: Марио Ванчоски со сребро на Меѓународната хемиска олимпијада во Дубаи
Марио Ванчоски, ученик од СОУ Гимназија „Славчо Стојменски“ – Штип, освои сребрен медал на 57. Меѓународна хемиска олимпијада (IChO 2025), што оваа година се одржа во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати.
На олимпијадата учествуваа вкупно 354 ученици од 90 држави од целиот свет, а Марио се истакна како еден од најдобрите – со трет најдобар резултат во експерименталниот дел од натпреварот.
Од Гимназијата велат дека се бескрајно горди на успехот на својот поранешен ученик, кој со посветеност, знаење и труд го претставил Штип и Македонија на највисоко меѓународно ниво.
„Чекори гордо и среќно по патеката послана со високи достигнувања Марио, ние ќе го следиме секој твој чекор и ќе се радуваме на сите твои успеси,“ напишаа неговите професори во јавна објава.
Овој сребрен медал претставува значаен придонес за афирмацијата на македонските таленти на светската научна сцена и уште еден доказ дека квалитетното образование и младинската посветеност носат врвни резултати.