
МАКЕДОНИЈА НЕМА ВРЕМЕ ЗА ЧЕКАЊЕ: Државата преку итни мерки да помогне за излез од демографскиот амбис
Македонија мора итно да преземе мерки за подобрување на целокупното живеење со цел да се подобри и демографската слика. Тоа подразбира, државата да го спречи иселувањето со тоа што ќе понуди повеќе можности за младите, да се подобри стандардот, да се инвестира во инфраструктурата, здравството, образованието, да не се кратат, туку да се унапредат правата на бремените жени. Дополнително, државата да помогне да заживеат руралните средини, затоа што во повеќе општини, мнозинството од населението, 60 или 70 отсто па и повеќе живеат во градот, додека селата се замрени. Демографот Дончо Герасимовски вели дека државата нема време за чекање и мора да преземе стимулативни мерки кои ќе почнат да важат веднаш.
„Демографската состојба последниве години е алармантна во нашата земја. Состојбата е таква, бидејќи бројот на живородени деца се намалува во однос на бројот на починати. Ова го велам од причина што наталитетот се намалува со побрзо темпо, додека морталитетот држи константа со исклучок на периодот на ковидот. Во просек 20.000 до 21.000 е смртноста на населението годишно. Бројот на живородени деца е во поголем пад, говорам дека бројката беше и 24.000 во минатото, а пред десетина години беше 23.000, а сега е над 16.000. Според податоците од 2025 година, бројот на деца опаѓа. Сѐ помал и помал е бројот на деца. И натаму се наоѓаме во тренд на опаѓање на наталитетот. Добро е аналитички да се анализира на ниво на региони, општини, населени места. Од 8 региони, 7 региони имаат негативен природен прираст, со исклучок на скопскиот регион, другите како источниот, вардарскиот, пелагонискиот се во длабока демографска старост. Покрај по региони, актуелната е состојбата и по општини. Од 2000 година наваму во 35 општини имаме негативен тренд. Во последниве неколку години, од 2019 година, нашата земја има негативен природен прираст на ниво на држава, а тоа значи намалување на населението по природен пат“, објаснува Герасимовски.
Додава дека сега е полошо и дури 60 општини во земјава имаат негативен природен прираст. Герасимовски вели дека имаме нерамномерен регионален развој во државата, што треба да се смени. Демографот додава дека за ублажување на лошата демографска состојба, мора да постои институционална поврзаност и министерствата во соработка да делуваат.
„Овие состојби постојано ги следиме, јас веќе 4 или 5 децении ги следам, потребни се итни мерки, коишто треба да се преземат. И соседните земји и цела Европа се зафатени со тој демографски тренд и сите преземаат мерки, изработуваат стратегии за да се подобри демографската состојба. Се намалува бројот на населението во руралните средини кај нас. Основна компонента претставуваат и руралните општини. Треба да се преземат мерки за да запре намалувањето на населението во селските средини. Ние имаме околу 700 населени места со население до 100 жители. Сѐ повеќе се празнат селските населени места. Потребно е задржување на населението во земјата. Анализите се направени, треба демографи, социолози да предложат мерки. Тие промени нема да настанат наеднаш, треба време. Да се обрне внимание на младите, тие заминуваат во странство. Годишно околу 1.500 студенти се запишуваат на универзитетите во Словенија. Потребно е да се подобри образованието. Во средното и основното образование се намалуваат учениците. Држава не може да постои без народ. Треба да се подобри инфраструктурата, условите за живеење во руралните средини исто, како и висината на платите. Да се разгледа дали за второ, трето, четврто дете ќе се дава помош. За бремените жени да има повеќе бенефити. Во одредени рурални средини не можеме да инвестираме во земјоделство, ако возраста на населението е над 65 години. Ако се иселува младо, женско население, кое е во фертилен период, надвор секоја година се зголемува бројот на живородени деца, а кај нас се намалува. Внатрешните миграции прават одреден проблем, секој сака да живее во град и ние имаме повеќе градско населние во општините, со некои исклучоци“, рече Герасимовски.
Истокот со години се соочува со намалување на населението. За дел од општините сме читале дека во медиумите дека немаат доволен број гинеколози, педијатри, немаат родилишта и слично. Пред неколку дена премиерот Христијан Мицкоски најави дека е можно воведување на данок за оние кои не се мажени и не се женети, но потоа се коригираше и кажа дека таков данок нема да има, туку само сакал да поттикне дебата затоа што е загрижен за демографијата. Инаку, пописот од 2021 година покажа дека 31 отсто од брачните двојки во Македонија немаат деца.