Ѓорѓиевски: Место во градинка за секое дете – нов објект во Расадник ќе прими 120 дечиња

СКОПЈЕ

Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денеска изврши увид во градежните активности на новата детска градинка во населбата Расадник, која ќе овозможи згрижување на 120 деца. Објектот, кој се простира на површина од 795 метри квадратни, ќе има шест занимални, од кои две се наменети за јасли.

 

„Со овој проект одговараме на реалните потреби на граѓаните од овој дел на општината. Влогот во најмладите е влог во иднината,“ изјави Ѓорѓиевски.

Изградбата на новата градинка се реализира со поддршка на Владата на Република Македонија, предводена од премиерот Христијан Мицкоски, на кого градоначалникот му се заблагодари за, како што рече, континуираната поддршка и заложби во сите сфери на општественото живеење.

 

Покрај овој објект, во завршна фаза е и градинката „Верверичка“, а со напредна динамика се движи и изградбата на градинката во населбата Потстаница. Според Ѓорѓиевски, со нивното комплетирање, општината целосно ќе ги елиминира листите на чекање за упис во детските градинки, обезбедувајќи подобри услови и поголем капацитет за децата од Кисела Вода и пошироко.

„Мојата визија е јасна – место во градинка за секое дете,“ потенцираше градоначалникот Ѓорѓиевски.