
Општина Битола: Само со организиран пристап и вклученост на сите институции ќе се реши проблемот со бездомните кучиња
Општина Битола изрази длабоко жалење за немилиот настан што се случи вчера на Плоштадот Магнолија, каде осумгодишно дете било нападнато од улично куче и се здобило со повреда на челото. Благодарение на навремената интервенција, детето добило соодветна медицинска помош во Одделението за максилофацијална хирургија при Клиничката болница во Битола, по што е пуштено на домашно лекување.
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, денес стапил во контакт со родителите на повреденото дете, кои го информирале дека детето се чувствува добро, иако и понатаму е под стрес од настанот. Коњановски упати желби за брзо закрепнување и потенцираше дека општината интензивно работи на системско решавање на проблемот со бездомните кучиња.
Општината, во координација со ЈП „Комуналец“, веќе презема конкретни мерки за спречување на слични инциденти во иднина. Од таму потенцираат дека инцидентот е уште еден доказ за неопходноста од долгорочен и организиран пристап.
Прифатилиштето „Хачико“, кое почна со работа во октомври 2024 година, е клучен дел од тој пристап. Општината упати апел до сите институции и граѓани за поддршка на активностите на прифатилиштето и отфрлање на обидите за негово дискредитирање, какви што имало изминатата недела.
„Само со вклученост на сите институции, координирана акција и поддршка на функционални решенија ќе можеме да обезбедиме безбедна и хумана средина за сите граѓани“, порачуваат од Општина Битола.