Коњановски: Битола со отворено срце ги пречекува македонските ракометарки

Македонија

Во пресрет на утрешниот квалификациски натпревар за Светското првенство во ракомет, градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, ја посети македонската женска репрезентација и им посака успех на ракометарките во дуелот со селекцијата на Полска.

 

Натпреварот против Полска, кој е дел од баражот за пласман на Women’s World Championship 2025 – Qualification Europe Phase 2, ќе се одигра во сабота, на 12 април, со почеток во 19:00 часот во Спортската сала „Боро Чурлевски“.

„Голема чест е што Битола е домаќин на ваков натпревар. Утрешниот дуел не е само спортски настан, туку и можност за граѓаните да покажат хуманост“, изјави Коњановски.

Влезниците за натпреварот чинат 100 денари и се достапни online преку МК Тикетс и на нивните продажни места низ државата. Средствата собрани од продажбата ќе бидат донирани за настраданите во Кочани.

Со овој натпревар, Битола продолжува да го зацврстува своето место на ракометната мапа, откако веќе две сезони во градот се играат натпревари од Лигата на шампионите.