Средба меѓу генералниот конзул на Албанија Мусај и градоначалникот Коњановски за јакнење на прекуграничната соработка
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, денес во својот кабинет оствари средба со генералниот конзул на Република Албанија во Струга, Петрит Мусај. Средбата беше во насока на унапредување на меѓусебната соработка меѓу Битола и општините од Албанија, со акцент на економијата, културата и туризмот.

Коњановски нагласи дека општина Битола веќе реализира заеднички прекугранични проекти со албански општини, особено со Пустец и Корча, преку програмите поддржани од Европската Унија. Тој истакна дека локалната самоуправа ќе продолжи со активно учество во регионалните иницијативи кои имаат за цел да го подобрат животот на граѓаните од двете страни на границата.
Генералниот конзул Мусај, кој ја презеде функцијата во септември минатата година, истакна дека негов приоритет е јакнење на билатералните односи преку практични чекори, како што е процесот на збратимување на Битола и Корча. Тој изрази подготвеност да биде активен посредник во поврзувањето на институциите, стопанствениците и културните установи од двете земји.
„Југозападниот регион има потенцијал за економски развој преку прекугранична соработка, а Битола е клучен партнер во тој процес,“ изјави Мусај.
Средбата помина во конструктивна атмосфера, а двете страни се согласија дека соработката ќе продолжи преку нови иницијативи и конкретни проекти од заемен интерес.