
Дали знаете дека во Македонија се пронајдени остатоци од животински видови…
ДАЛИ ЗНАЕТЕ?
Пишува Гордана Јанакиевска
На територијата на Македонија досега се регистрирани околу петнаесетина локалитети на кои се пронајдени остатоци од животински видови кои што во геолошкото минато егзистирале на подрачјето од нашата држава, на коишто е откриена и детерминирана таканаречената „пикермиска фауна“, или „хипарионова фауна“, којашто е составена од видови кои се многу слични на денешните претставници од степско-саванските предели на централна Африка, како што се претците на денешните слонови, носорози, хиени, жирафи, антилопи, мајмуни и други изумрени животни. Староста на оваа фосилна фауна датира од геолошките периоди: миоцен, чие траење изнесувало околу 17 милиони години и долен плиоцен, со траење од околу 3 милиони години.
Најнов истражуван палеонтолошки локалитет е локалитетот „Стамер“ кај Делчево на којшто теренските претраги започнаа во 2007 година од страна на Природонаучниот музеј на Македонија, при што, беа откриени остатоци од масовна гробница на праисториски животни. Локалитетот е од особено значење поради пронајдокот на гигантски рог од жирафа, која е нов вид, кој зборува за размената на животни меѓу Јужна Европа, Јужна Азија и Африка.
Заради ваквото откритие уредуван е овој репрезентативен објект со: информативни табли, изградба на видиковец, поставување ознаки према локалитетот, уредување на пешачка патека по должината на неколку локалитети на кои се пронајдени скелетни елементи од следните видови предисториски животни: носорог (Rhinoceros sp.) жирафа (Sivatherium garevskii Geraads, 2009), тропски коњ (Hipparion sp.), слон – мастодон (Deinotherium gigantissimum Stefanescu, 1892), говедо (Parabos cordieri De Christol, 1832), хиена (Adcrocuta eximia Roth et Wagner, 1854) и свиња (Microstonyx erymanthius Gervais, 1848).
За да биде впечатокот посилен наскоро покрај видиковецот ќе бидат поставени и склуптури на скелетни елементи од жирафа. Покрај уредувањето на локалитетот „Стамер“ исто така се поставени информативни табли и на геолошкиот профил „Звегор“ и на „Киселичка пештера“, дите прогласени за природни реткости и се наоѓаат на подрачјето на општината Делчево