
ИЗЈАВА: Македонија земја со најниски даноци во Европа
Македонија ќе биде земја со најниски даноци во Европа, без разлика дали ќе дејствуваме сами во таа насока или во некоја коалиција, изјави лидерот на политичката партија Македонски Концепт Петар Богојески.
Сите анализи со релевантни податоци во таа насока, покажуваат одлична можност за македонската економија, особено ефектот на влез на свеж капитал од регионалната економија. Мораме да проектираме просечна даночна стапка под 7%, што ќе ја направи државата лидер на глобално ниво, особено во Европа. Потребно е креирањето на поволната бизнис клима, со цел враќање на украдениот капитал од македонските „активисти“ во земјава и отварање на пазарот за европскиот крупен капитал. На тој начин ќе обезбедиме „свежи пари“, кои во моментов очајно недостасуваат, смета Богојески.
Моменталната состојба во државата е неодржлива, бидејќи државата се обидува да им стане „газада“ на граѓаните и компаниите преку наплатата на превисоки даноци. Тоа ги остави без пари, стопанството и граѓаните.
Македонски Концепт е определен да воспостави најниски даноци за развој на економијата и зголемување на инвестициите, особено во делот на производство на храна, софтвер, туризам и енергетика. Дефинитивно ќе се валоризира т.н. рамен данок, кој во блиска иднина може да падне на 8%, целосно ослободување на фирмите од обврската за плаќање данок на реинвестирана добивка, а во рамки на големата реформа на економијата, постепено приватните компании ќе ја преземат улогата за наплата на придонеси и ќе ја преземат обврската за обезбедување на доброволно пензиско и здравствено осигурување. Државата тука нема потреба да биде присутна.
Не смее да постои данок на добивка за микро и мали бизниси со приход до 5 милиони денари, а стапката на ДДВ треба да биде повеќе слојна, од 3% до 20%, зависно од тоа што се оданочува. Легализација на проституција, лесни дроги, ексклузивни типови на храна и пијалоци, препарати за задоволство и сл. ќе овозможи највисока стапка од 20% ДДВ. Значително ќе ги намалиме и царините за увоз на нови технологии, кои се неопходни за индустриски раст и развој во земјава и конкуренција на светски пазар.
Ваквата комбинација на мерки ќе ја искачи Македонија на врвот на земји со добрата бизнис клима во Европа. Поседување на македонска компанија ќе стане престиж за европските претриемачи, особено оние кои доаѓаат од земји со просечна даночна стапка над 30%. Тоа ќе лансира огромен развој и највисок раст на БДП во последните 30 години.
Само тогаш можеме да кажеме дека имаме реален пад на невработеноста, без иселувањето на граѓаните манипулативно да се вкалкулира во „вработеност“. Ако успееме да се отвориме за странскиот капитал, без домашни монополи, ќе постигнеме и ефект на исплатливост да се живее и работи тука во Македонија. Само тогаш може да помислиме дека ќе се врати некој од нашите граѓани, кои се иселиле во странство. Се друго е само „мижи асан да ти баам“.
Да не зборувам за ефектот врз намалување на сивата економија и даночната евазија. Просто ќе стане срамотно и крајно налудничаво да се затајува данок. Ризикот нема да се исплати, бидејќи ќе воведиме „морков и стап“ стратегија. Од една страна најниски даноци, од друга страна драконски казни за затајување на данок. Буквално сатрапски казни од „библиски карактер“. Не плати данок, фатен си, подобро сам да си пресудиш. Буквално ќе ти биде наплатено сто пати повеќе од затаеното, ќе ти биде изречена забрана за вршење дејност, ќе бидеш осуден на долги години затвор, ќе ти биде конфискуван безмилосно целокупен имот, па повели сокривај данок.
Со тоа, приливите во буџетот драстично ќе пораснат, па ќе имаме и за одлично образование и здравство. За квалитетна администрација и безбедносен сектор. Тоа е правило во финансиите, буџетот расте кога имате најниски даноци.
Така ќе започнеме и да се раздолжуваме и кон домашното стопанство, но и кон странските кредитори. Тоа не смее да биде повисоко од 50 отсто од БДП, ако сакаме одржлив раст и развој на државата. Очекуваните суфицити во буџетот нема да ги користиме за предвремено раздолжување кон меѓународните кредитори, туку за драстично зголемување на јавните, капитални инвестиции, особено во енергетиката. Македонија ќе ја направиме земја извозник на електрична енергија и тоа од зелени, обновливи извори на енергија.
Буквално, комплетното греење на најголемите и најзагадени градови во Македонија ќе биде целосно електрично, со што еднаш за секогаш ќе го победиме загадувањето, а со тоа и драстично ќе се намалат расходите во здравството.
Евтината енергија ќе предизвика поефтинување на домашниот производ, со што драстично ќе се зголемат нарачките на нашите фирми, ќе се зголеми извозот и странските инвестиции. Буквално препород на домашната економија, во краток рок од 10 години. Тоа секако ќе стимулира и дополнителни инвестиции во капитални проекти (патишта, железници, болници, школи, енергетски објекти и сл.), што меѓу другото помогна за создавање работа на илјадници компании во Македонија.
Ви гарантирам дека ниските даноци, воопшто нема негативно да влијаат на задолжувањето. Туку ќе имаат обратен ефект. Исклучително само рамен и низок данок ќе ја крене Македонија на нозе и ќе не спаси од сиромаштија. Држење на државата на страна од приватниот сектор. Пренесување на јавни дејности на приватниот сектор, кој секогаш поквалитетно ќе ги искористи парите и ќе понуди поквалитетна услуга отколку државата. Само претприемништвото ќе донесе повисок економски раст и развој, поголем извоз и многу повеќе нови работни места. Колку помалку држава во бизнисот, толку повеќе бизнис и богати и среќни граѓани. Се друго е демагогија.
Македонски Концепт ќе ја направи Македонија на бизнисмени кои сакаат да платат данок. Земја на граѓани кои сакаат да трошат и живеат, а не да „врзуваат први со први“!
Петар Богојески е лидер на политичката партија Македонски Концепт и докторанд по економски науки и меѓународни политички односи.