Грците гневни поради „твит“ на Заев

Балкан, Македонија, Политика

Во понеделникот, премиерот Зоран Заев на Твитер напиша дека го следи фудбалскиот натпревар заедно со холандскиот премиер и ѝ дава поддршка на македонската фудбалска репрезентација. Последните три зборови од твитот станаа проблематични за десничарската влада во Грција, која реагираше со замрзнување на три меморандуми кои парламентот требаше да ги ратификува.

Грчкиот весник „Катимерини“ под наслов „Гнев во Атина, замрзнуваат меморандуми со Северна Македонија“ пишува за непочитувањето на Преспанскиот Договор и некористењето на уставното име на државата.

Станува збор за три меморандуми кои грчкиот парламент требало да ги ратификува на 10 јули, но процесот најверојатно ќе биде одложен за септември, а можеби и подоцна. Во текстот на весникот стои изјава на портпаролката на грчката влада, Аристотелија Пелони, која испрати порака и предупредување до Заев дека мора да го почитува Договорот од Преспа, вклучително кога станува збор и за спортски настани.

„Катимерини“ пишува дека грчката влада не може да „замижи“ пред „двојната игра“ на „соседите“, потенцирајќи дека изминатиов период имало неколку „инциденти“ поврзани со Договорот.

Трите меморандуми подолго време чекаат да дојдат на дневен ред во грчкиот парламент. Мнозинството на Нова демократија тактизира поради силното противење на Договорот од Преспа внатре во своите редови. Станува збор за Меморандум за забрзување на процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ, Меморандум за формирање координативен комитет за економска соработка и Техничката спогодба за надгледување на воздушниот простор на земјава.