ОТКРИЕНА ПРИЧИНАТА зошто е ослободен МИЈАЛКОВ

Хроника

Откако Апелацискиот суд Скопје ја укина затворската казна од 12 години за случајот „Таргет-Тврдина” за ексдиректорот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) Сашо Мијалков, веднаш се почувствува ослободување и полет на актуелната власт.

Причината поради која второстепениот суд ја укина пресудата се суштествени повреди на постапката за управување со земјава од страна на зајковистите, кои цел живот сонуваа еден ден кога ќе пораснат, да бидат Мијалков.

Од истите овие причини неодамна беше укината и пресудата за „Трезор”, но детали ниту за едниот, ниту за другиот предмет нема, бидејќи власта во стилот на режимот на грујовизмот, одлучи да селектира „вистина“ преку т.н. куртон портали или куририте на сдсм.

Од вкупно 21 година затвор, со укинувањето на двете пресуди, затворската казна за идолот на зајчињата, ексшефот на УБК останува само година и пол. Мијалков тригодишната казна за „Империја” ја отслужува во Струшкиот затвор, кој е од отворен тип.

Судот со објавата на првостепената пресуда потврди дека прислушувањето се случувало во Управата за безбедност и контраразузнавање, но сега второстепениот суд одлучи дека заев измислувал „бомби“ и дека не постои такво прислушување.

Ако Апелацискиот суд Скопје во ноември одлучи дека треба да ја укине пресудата за „Трезор” со која Мијалков беше осуден за казна затвор од 8 години, а која се однесува на злоупотреба на средства од Буџетот на државата за набавка на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија и дека немало ниту опрема за прислушување, па ниту тоа се случувало, тогаш Мијалков станува ангел чувар на македонската демократија.

Тоа значи дека пресудите со кои за случајот „Трезор”, од 13 април 2021 Мијалков доби казна затвор во траење од 8 години заради злоупотреба на службената положба и овластување, и за „Таргет-Тврдина” на 26 февруари 2021 година осуден е на 12 години затвор заради злоупотреба на службената положба и овластување и примање награда за противзаконито влијание, се незаконски и неиздржани, а зајковци лажеле дека има било какво прислушување од страна на нивниот идол.

Исто бате Саше не смееше да биде осуден за предметот „Плацеви на Водно”, кога на 21 април годинава тој доби казна затвор во траење од 1 година и 3 месеци за кривичното дело перење пари и други приноси од казниво дело.

Затоа Мијалков постигна спогодба со Обвинителството и признал вина за големиот предмет на поранешното СЈО „Империја” во кој се товареше за злоупотреба на пари и службена должност, па Судија на претходна постапка според спогодбата му изрекол казна затвор во траење од три години, а Мијалков ќе даде 6 милиони евра во готовина и околу 30 милиони евра во имот. Мијалков спогодбата ја направил со обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Русковска.

Против Мијалков во првостепена постапка е активен предметот за случајот „Титаник 2″, кој по првостепена пресуда и добиена жалба, беше вратен на повторно постапување од Апелацискиот суд Скопје.

Според тоа како се договориле обвинителката и обвинетиот пред судот, Мијалков со признавањето на вината за да ги добие трите години ефективен затвор ќе исплати 6,1 милиони евра во готови пари за својот удел во хотелот „Мериот” на главниот плоштад во Скопје, а ќе му биде одземен имот, од веќе замрзнатиот, во вредност од околу 30 милиони евра, меѓу кои има деловен простор, апартмани, гаражи и друго.

Вредноста на недвижниот имот во минатото била проценета на околу 17 милиони евра, но како што сега вели Вилма Русковска, вредноста на имотот е зголемена со текот на годините и сега вкупната вредност е проценета на околу 30 милиони евра, во која сума се пресметани и 25 станови во Скопје кои ги поседувал Мијалков.

Во сите овие информации на Вилма Русковска, не е прецизирано дали и колку од овој имот и кеш ќе преминат во џебовите на зајчињата и дали има дополнително почастување за нив, надвор од спогодбата на ОЈО?

Мијалков на 22 август, годинава се пријави во затворот во Струга за отслужување на тригодишната затворска казна за случајот „Империја”, преку новата метода „затворски туризам“, осмислен исто од зајчињата и воспоставен во нивно време, како врвен дострел на зајковата правда.

Затворот во Струга е од отворен тип, односно осуденикот може да излегува во текот на денот, а таму само да преноќува. Дали Саша има ладни ноќи во тој престрог затвор покрај Дримот?