
(Видео) Жесток одговор на Мираковска до бугарскиот колега Јорданов: Јас сум Македонка и зборувам на македонски јазик
Соња Мираковска, пратеничка од НСДП, за време на дебатата во Европскиот парламент во Стразбур, жестоко му одговори на бугарскиот пратеник Александар Јорданов дека нејзиниот идентитет е Македонка и дека зборува на македонски јазик и живее во Македонија.
Одговорот на Мираковска во дебатата дојде откако нејзиниот колега Јорданов рече дека Македонија за да ги почне преговорите со ЕУ прво треба да го промени Уставот и во него да влезат Бугарите.
– Ниту мене, ниту на моите сограѓани, не можете никогаш да им кажете дека зборуваат на погрешен јазик. Јас сум Македонка, зборувам на македонски јазик, живеам во Македонија сега наречена Северна Македонија. И тоа е мојот идентитет – рече Мираковска.
Понатаму таа истакна: „Ги признавам моите сограѓани Албанци, Турци па и Бугари ако ги има. Македонија е пример за мултиетничко општество“, a посочи дека тоа што Бугарија издавала бугарски пасоши на нелегален начин е проблем на Бугарија, а не на Македонија.