
ПИСКОТНИЦИ од Димитров: Македонците ГИ САКААТ Србите, а не Бугарите
На агендата на последната средба на Заедничката македонско-бугарска историска комисија што се одржа во Скопје беа учебниците по историја и периодот на Средновековието во Бугарија и во Република Северна Македонија и евентуално заедничкото чествување на Гоце Делчев, но повторно ништо не се случи, вели копретседателот на Комисијата од бугарска страна Ангел Димитров.
Тоа е интересен и важен сигнал пред се за атмосферата во која што работеше нашата комисија на последната 20-та средба. Можам да кажам дека таму нема подготвеност за некаква промена – изјавил Димитров за БНТ.
Средбата се одржа во време кога опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара референдум за отфрлање на Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија, а, како што вели Димитров, некои од македонските колеги отворено му кажале дека се подложени на заплашувања и на притисок ако променат нешто во нивната позиција.
– Тоа не значи дека тие се подготвени тоа да го направат, но зборувам за атмосферата во јавноста и тоа јасно покажува што се случува во Република Северна Македонија – коментира Димитров.
Во контекст на истражувањето на „Конрад Аденауер” кое покажа дека дури 44 отсто од македонските граѓани ја сметаат Бугарија за најголем непријател, а 37,4 отсто велат дека Србија им е најголем пријател, Димитров коментира дека луѓето во Северна Македонија кои тврдат дека ова има длабоки историски корени, мислат само на периодот по 1944 година.
– Тие немаат сознанија што се случувало во првата половина на минатиот век кога населението таму беше прогласено за српско и кога имаше терористички режим, кога таму имаше страшно насилство и постојани репресии. Тоа се чини дека воопшто не ги интересира, па знаат само за пропагандата и манипулациите по 1944 година, а за жал таа пропаганда е антибугарска – објаснува Димитров.
Според него, Гоце Делчев е постојано во програмата на Комисијата веќе трета година и никако да се стигне до него. Она што е решено и објавено, вели, е дека треба да се пристапи кон промена на учебниците во Северна Македонија и тоа оние учебници кои се надвор од „нашата заедничка историја”.
Димитров уште објаснува дека забелешките за бугарските учебници се општи, не се однесуваат на важни нешта во интерпретацијата на историјата и се пожелни, но во Северна Македонија треба да има сериозни промени во учебниците.
– Многу е интересно што во 90-те години на минатиот век високи политичари, па дури и самиот претседател рекоа дека „стигнавме до дебугаризација”. Сега се плашат дека ќе настапи бугаризација, што е апсурд – оцени Димитров.