
ДИМИТРОВ во војна со ТАЧЕ, личел на Бугарин
Поранешниот вицепремиер за европски прашања и бившиот шеф на дипломатијата, Никола Димитров, преку социјалните мрежи ја критикуваше изјавата на премиерот Димитар Ковачевски во која вели дека сите земји-членки на ЕУ ја оправдуваат уцената на Бугарија со историјата, оценувајќи ја како изненадувачка, но и неточна.
Димитров нагласува и дека таа е невнимателна, но може да биде и опасна.
„Изјавата на Ковачевски е во најмала рака невнимателна. Но, исто така може да биде и опасна и лесно да биде злоупотребена како притисок токму врз македонските позиции. Оти оди на линија на Радев, кој упорно пласира вакви тези веројатно терајќи домашна политика со прашањето“,
вели Димитров.
Поранешниот вицепремиер, повикувајќи се на неговото искуство и контакти во последните години порачува дека Ковачевски има погрешен впечаток кога вели дека ЕУ ја оправдува бугарската уцена.
„Од каде му е тој впечаток на премиерот!? Јас постојано сум низ земјите членки во последните години, и од позиција на министер, ама и сега и ниту гледав ниту гледам разбирање за анахроните антиевропски бугарски позиции. Впрочем, поплаките во Софија дека нема доволно солидарност кон нив и дека не се разбрани, се јавна тема кај комшиите веќе подолго време. А на истата линија беа и обвинувањата кон мене директно од Софија, оти практично им ги разобличував тезите обезбедувајќи да бидат осамени во небулозите“,
вели Димитров.
Според него, и нашата влада и нашата дипломатија конечно мора да се разбудат и да ги разобличуваат обидите за разнебитување на македонскиот идентитет.
„Конечно, македонската влада и дипломатија мора повторно да се разбуди и да продолжи да ги разобличува анахроните обиди и аргументи за разнебитување на македонскиот идентитет што речиси целосно се поклопуваат со рускиот наратив за Украинците, без разлика што тоа можеби нема да им се допаѓа на носителите на оваа политика во Софија“,
наведува поранешниот вицепремиер.
„Пријателство“ кое е изградено на криви основи, порачува Димитров, едноставно нема да опстои. Бугарија, констатира тој, има подобра преговарачка позиција бидејќи е членка на ЕУ, но токму заради тоа смета дека ние не смееме да престанеме да потсетуваме дека на наша страна се принципите, европските вредности и меѓународното право.
„И да бараме помош кај другите земји членки бидејќи се бориме и за образот на Унијата. А, не да се навлекуваме на бугарските тези дека поведението им е прифатено и поддржано. Па ние ќе се срамиме и ќе се стегаме гласно да викнеме дека ни се газат основните права и достоинство? Или ќе направиме Радев да се срами кога вели дека ЕУ не смеела да го ’легитимира македонизмот‘?“,
завршува Димитров полемизирајќи со последните изјави на премиерот.
Изјавата која ја коментира поранешниот вицепремиер, Ковачевски ја даде вчера одговарајќи на прашањето на дебатата на регионалниот самит „Македонија 2025“ во Скопје.
„Нашата европска интеграција, зборувам за Северна Македонија и за Албанија, е заложник на Бугарија. Таа наша европска интеграција е сведена на зборување за историја, што практично сите земји од Европската Унија гледам дека го оправдуваат. Според мене, тоа е погрешно бидејќи кога се зборува за историја не се ветува ништо туку само се зборува за нешто што се случило пред 100-150 години.
Тоа е класична уцена и не може да произведе никаков бенефит за никого. Затоа сметам дека зборувањето за теми што ја засегаат иднината на државата се многу значајни и на таква основа треба да се водат сите разговори“,
рече Ковачевски.