РУСИЈА ПРИЗНА, еве колку војници загинале до 20ти март во Украина

Европа

Руски весник Комсомолскаја Правда објави дека бројот на жртвите во војната во Украина заклучно со 20ти март, изнесува 9.861. Таа информација доаѓа од руското Министерство за одбрана.

Весникот објави бројка што укажува на скоро 10.000 загинати руски војници во Украина. Во онлајн извештајот на 20 март се наведува дека руското Министерство за одбрана известува дека од почетокот на војната на 24 февруари загинале 9.861 руски војници. Русија прв пат официјално потврди колку војници изгубила од почетокот на инвазијата.

Американските и украинските власти проценуваат дека загинале повеќе од 17.000 војници во овие месец дена од почеток на војната во Украина.

Би Би Си Русиан спроведе детална истрага, потврдувајќи ги имињата и чиновите на 557 руски војници и офицери убиени во Украина, прелистувајќи ги социјалните мрежи и локалните објави и разговарајќи со роднините.

Истрагата покажа дека 15 од 85 руски региони не објавиле никакви информации за локалните војници убиени во Украина.

Но, во една таква област, регионот Кемерово во Сибир, Би-Би-Си, со помош на локалните жители кои побараа да бидат анонимни, ги утврди идентитетите и гробовите на седум војници и офицери.

Неколку часа по објавувањето на истрагата на Би Би Си, властите во Кемерово соопштија дека 13 војници биле закопани во регионот од почетокот на војната во Украина.