Во Бигорски в недела ќе се одржи УМИЛИТЕЛНА ВЕЧЕР НА ПРОСТУВАЊЕТО

РЕЛИГИЈА

Пристигнувајќи пред самите двери на Четириесетдневното посно патешествие, во Свештената Бигорска Обител ќе биде отслужена традиционалната Умилителна вечерна на простувањето во недела, на шести март, со почеток во 16:00 часот.

Во познатото македонско древно светилиште „Свети Јован Крстител”, познато како Бигорски манастир, со благослов на епископот Антаниски г. Партениј, старец и игумен на Свештената Бигорска Обител, в недела ќе биде одржана традиционалната Умилителна вечер на простувањето.

– Пристигнувајќи пред самите двери на Четириесетдневното посно патешествие, во Свештената Бигорска Обител ќе биде отслужена традиционалната Умилителна вечерна на простувањето во недела, на шести март, со почеток во 16:00 часот. Службата завршува со Великопосната молитва на св. Ефрем Сирин, која е проследена со големи поклони, како и со меѓусебното големо простување, информираше сестра Ефимија.

Додава дека исповед кај г.Партениј и другите духовници од манастирот ќе има преку сите викенди и обични денови за постот, со исклучок за време на Тримирот.

– На сите нека им е благословен почетокот на Великиот пост, едни со други да се помириме и да си простиме. Не можеме да постиме доколку не се измириме и не им простиме на сите. Да им простуваме особено на оние на кои ни е тешко да им простиме, тука е подвигот на христијанската љубов, порачува сестра Ефимија.

Традиционално во годините пред пандемијата со Ковид-19, пред и на Прочка, Бигорски беше преполн од верници, посебно масовно прсуство имаше на неделната умилителна вечерна на простувањето.

– Ги замолуваме богољубивите Христијани кои сакаат да земат учество во празничните богослужби, да ги почитуваат препорачаните мерки за заштита од корона вирусот, посочува сестра Ефимија.