СКАНДАЛ: ОЈО сеуште го преведува германското вештачење за пожарот

Хроника

Од Бундескриминалот до германската амбасада во Скопје, па до МВР и до крајната дистанца – Јавното обвинителство. Ова е патот на извештајот на германските експерти во кој тие ги наведоа нивните согледувања за тоа како настанал пожарот во ковид модуларната болница во Тетово. Извештајот кој пристигнал минатата недела, дури денеска е даден на судски преведувач.

„…Откако ќе биде преведен, наодите ќе бидат детално анализирани во корелација со другите прибрани докази во предметот, по што ќе биде донесена јавнообвинителска одлука“, рекоа од Обвинителството и признаа дека до сега немаат никаква одлука, а помина скоро цела година од настанот.

Според инфомации ОЈО, извештајот имал само седум страници, но преводот нема да биде готов за еден ден, односно уште немаат превод. Тоа од причина што станувало збор за стручна терминологија на форензичарите, па може да трае до три дена. Потоа, петте јавни обвинители кои работат на предистрагата, сите докази ќе ги презентираат пред посебна комисија во Обвинителството.

Станува збор за дополнителни четворица обвинители од Вишо обвинителство. Дали ќе се отвори истражна постапка за пожарот, ќе решат сите деветмина.

Досега, извештајот на крим – техника на МВР покажа дека пожарот евентуално настанал од прегреан продолжен кабел. Во пожарот ноќта на 8 септември загинаа 14 лица, од кои 12 беа хоспитализирани пациенти со ковид.