ОДЗЕМЕНИТЕ КРАВИ ОД КРИВА ПАЛАНКА ЌЕ ОДАТ ВО ЗАТВОРИТЕ ВО ИДРИЗОВО И ВО ПРИЛЕП Седум институции треба да го решат проблемот
Институциите почнаа со оперативното спроведување на Акцискиот план за заловување и згрижување на говедата што со години неконтролирано се движат низ Крива Паланка и околните населени места.
На состанокот на Координативниот штаб во Министерството за земјоделство беа утврдени конкретните задолженија и следните чекори. Прво ќе се мапираат локациите и бројноста на стадата, по што ќе следуваат заловување, ветеринарна контрола и транспорт на животните.
Планот ги опфаќа говедата за кои постојат правосилни решенија за одземање. Во почетната фаза, добитокот ќе биде предаден на казнено-поправните домови во Идризово и Прилеп, а се разгледува и можноста дел од животните да им бидат отстапени на здруженија на сточари.
Во операцијата се вклучени повеќе институции, меѓу кои Агенцијата за храна и ветеринарство, МВР, Центарот за управување со кризи и Агенцијата за управување со одземен имот.
Министерот Борче Серафимовски истакна дека приоритет е заштитата на граѓаните, нивниот имот и земјоделското производство.
Проблемот трае повеќе од 15 години, а според процените на локалните власти, низ Крива Паланка и околните села се движат околу 1.000 грла крупен добиток, кои предизвикуваат штети на земјоделските површини и претставуваат ризик за безбедноста на граѓаните.
По долгогодишните реакции и протести, останува институциите најавениот план да го спроведат на терен и да обезбедат трајно решение.
