Штрајкови, криза и 26 часа преговори: Германците договорија повисоки плати, компаниите добија услов за кратење трошоци
Најголемиот германски синдикат „ИГ Метал“ (IG Metall) и работодавачите од металската и електроиндустријата постигнаа договор за зголемување на платите по 26 часа интензивни преговори, во услови на сериозна криза во германската индустрија. Договорот, кој првично се однесува на два германски региона, доколку биде применет на национално ниво, ќе опфати околу 3,7 милиони работници во автомобилската индустрија, машинството, електрониката, воздухопловниот и одбранбениот сектор.
Според договореното, работниците ќе добијат зголемување на платите од 2 проценти од 1 мај 2027 година, а дополнителни 2,3 проценти од 1 април 2028 година- пишува Еуроњуз. Во март следната година ќе им биде исплатен и еднократен бонус од 150, 300 или 450 евра, во зависност од финансиските резултати на компанијата, односно нето-приносот од продажбата на работодавачот. Но, покрај зголемувањето на платите, договорот предвидува и можност компаниите кои се соочуваат со сериозни економски проблеми да ги намалат трошоците за работна сила преку мерки од колективното договарање. За возврат, тие ќе мора да преземат обврски за инвестиции, развој на производи и технологии, со цел да се обезбедат долгорочни перспективи за вработување во Германија.
Од „ИГ Метал“ велат дека договорот е постигнат во исклучително тешки економски услови. Синдикатот претходно бараше зголемување на платите од 5 проценти во период од една година, а во преговорите беа вклучени и повеќе од 956.000 работници кои учествуваа во предупредувачки штрајкови во два брана. Штрајковите ја зафатија и автомобилската индустрија, вклучително и производствените погони на „Мерцедес-Бенц“ и „БМВ“.
Претседателката на „ИГ Метал“, Кристијане Бенер, го оцени договорот како „солиден договор во бурни времиња“, додека од здружението на работодавачи „Гезамтметал“ признаваат дека станува збор за компромис кој ќе биде тежок за дел од компаниите.
„Ги поместуваме границите на она што е возможно, а за некои од нашите компании можеби дури и ги надминуваме“, изјави претседателот на „Гезамтметал“, Удо Динглрајтер.
Тој посочи дека договорот е насочен кон иднината и дека треба да помогне во зачувувањето на работните места и производствените капацитети во Германија. Преговорите се одвиваа во период кога германската индустрија се соочува со сериозни предизвици, особено автомобилскиот сектор, кој е под притисок од растечката конкуренција од Кина, високите производствени трошоци и забавувањето на економијата.
Германската економија во третиот квартал од годинава порасна за само 0,1 процент, значително помалку од растот од 0,3 проценти во вториот квартал. Сојузниот завод за статистика претходно очекуваше раст од 0,2 проценти. Договорот за платите треба да донесе извесна стабилност во индустријата, но истовремено покажува колку е сериозен притисокот врз германските производители, кои се обидуваат да ги задржат работниците, производството и конкурентноста во услови на економска неизвесност.
