Коњановски: Младинско катче и кариерен центар за учениците во битолското економско училиште

Македонија

Учениците во СОЕУ „Јане Сандански“ во Битола добија младинско катче и кариерен центар. Просторот го уредиле самите ученици со поддршка од нивниот професор и координатор Целе Јолевски, а на свеченото отворање присуствуваше градоначалникот Тони Коњановски.

Од училиштето посочуваат дека младинското катче е резултат на заедничката работа на учениците. Тие ќе можат да го користат просторот за да споделуваат идеи, да соработуваат и да развиваат свои иницијативи.

Коњановски го поздрави ангажманот на учениците и истакна дека новото катче им дава простор слободно да ги изнесуваат своите идеи, да ја развиваат креативноста и поактивно да се вклучат во заедницата.

Во рамките на новиот простор почна да функционира и кариерниот центар. Со поддршка од кариерен советник, средношколците ќе можат да разговараат за изборот на професија и за следните чекори во своето образование.