Коњановски: Над 164 милиони денари за улична и патна инфраструктура во Битола
Над десет километри обновена и новоизградена патна инфраструктура, повеќе од три километри водоводна и канализациска мрежа и нови 220 паркинг места се дел од резултатите што ги издвојува градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, во прегледот на првата година од новиот мандат.
Според објавениот отчет, вкупната вредност на наведените инфраструктурни проекти изнесува околу 164,5 милиони денари. Активностите опфаќаат инвестиции во градските населби и во руралните средини.
Меѓу издвоените проекти се булеварскиот влез во Битола од страната на Прилеп и новата улица „СТУ 3“ со 100 паркинг места. На улицата „Браќа Џаферови“ е уреден простор за паркирање 25 возила, а на „СТУ 9“, во АРМ четврт 3, се изградени над 70 паркинг места.
Во изминатата година биле асфалтирани улиците „Леринска“, „Козара“, „11 Март“, „Панде Николов“ и „Панде Кајзеро“, додека на „Чеде Филиповски“ се работи. Улицата „Маркс и Енгелс“ е целосно реконструирана, со обновување на водоводот, канализацијата и коловозот.
Асфалтирани се и три краци од улицата „Даме Груев“ во населбата Мал Париз. Изградена е новата улица „СРУ 5“, која ги поврзува „Партизанска“ и „Крушевска Република“, а продолжуваат работите на „Дебарска“.
Во руралниот дел се издвојуваат асфалтирањето улици во Братиндол, Трн и Карамани, патот до црквата во Ротино, патот до манастирот „Св. Меркуриј“ во Барешани и локалниот пат во Раштани. Извршена е и доградба на коловозот на локалниот пат за Буково.
Како дел од мерките за подобрување на сообраќајната инфраструктура, поставени се и пешачки семафори на две локации на Широк Сокак.
