Министерство за енергетика: Гасоводот со Грција напредува, се подготвува поврзувањето со Србија
Изградбата на гасоводот со Грција напредува, паралелно се подготвува интерконекторот со Србија и се спроведуваат технички проверки за ставање во функција на домашните гасоводни делници, соопшти Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Според проектните податоци доставени на 19 октомври, за интерконекторот со Грција се испорачани 64 километри цевки, заварени се 43 километри, а 18 километри се спуштени во ров. Експропријацијата е реализирана со 97 проценти.
Македонскиот дел од гасоводот е долг 68 километри, а завршувањето е планирано за средината на 2027 година. Договорот за изведба е склучен на 7 мај 2025 година. Финансирањето опфаќа инвестициски грант и заеми од Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој.
Од Министерството посочуваат дека поврзувањето со Грција треба да овозможи пристап до дополнителни извори на природен гас и поголема сигурност во снабдувањето.
Во подготовка е и интерконекторот со Србија, со предвидена должина од 23 километри на македонска територија. По договорот од 27 август годинава започнале активности за дефинирање на трасата и проектирање. Според проектната документација, финансирањето е предвидено од сопствени средства на НОМАГАС.
Истовремено, на домашните делници Клечовце–Неготино и Неготино–Битола се вршат сервисирање, проверки на интегритетот и сушење. Потоа, активностите треба да продолжат на делницата Скопје–Тетово–Гостивар. Трите делници се со вкупна должина од 277 километри, а техничките подготовки се неопходни за нивно безбедно пуштање во употреба.
Министерството се осврна и на реакциите на СДСМ и Левица за ребалансот, отфрлајќи ги тврдењата дека буџетското усогласување значи откажување од гасификацијата.
Според нивното образложение, средствата за кои претходно било дадено појаснување биле наменети за набавка и складирање природен гас за стратешки резерви. За реализација, покрај гас и складиштен простор, потребен е и обезбеден транспортен капацитет до Македонија. Ограничените прекугранични капацитети кон Бугарија, наведуваат од Министерството, влијаат врз планираната динамика на набавката.
Оттаму нагласуваат дека изградбата на гасоводите е одделен процес, со сопствени договори, извори на финансирање и технички фази, а реализацијата треба да се оценува според завршените работи и исполнетите услови за ставање на инфраструктурата во функција.
