Коњановски: Енергетска фасада и нов систем за греење за ОУ „Стив Наумов“ во Битола
Во битолското ОУ „Стив Наумов“ денеска беа извршени примопредавање и технички преглед на поставените топлински пумпи, кои треба да го заменат досегашното греење со екстра лесно масло.
Во присуство на градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, увид извршија изведувачот, надзорот и претставници на УНОПС, донатор на проектот.
Поставени се две големи топлински пумпи, за кои се наведени електричен капацитет од 50 киловати и топлински капацитет од 120 киловати.
Во рамките на проектот е оставен и приклучок за спортската сала што е во изградба, со што се предвидува и нејзиното греење да се обезбедува преку новиот систем.
Според информациите од Општина Битола, со енергетската фасада и поставувањето на топлинските пумпи, ОУ „Стив Наумов“ станува целосно енергетски ефикасно и зелено училиште. Замената на греењето со екстра лесно масло треба да придонесе и за намалување на емисиите на јаглерод диоксид и заштита на животната средина.
