Шилегов: „Споредувањето на Македонија и Србија е политичка неписменост“, остра критика и за раководството на СДСМ

Македонија, Политика

Поранешниот градоначалник на Скопје и член на СДСМ, Петре Шилегов, реагира на споредбите меѓу политичките случувања во Србија и Македонија, оценувајќи дека станува збор за две различни политички и геополитички реалности.

Во објава на социјалните мрежи, Шилегов наведува дека Македонија и Србија имаат различни меѓународни позиции и дека резултатите од изборите во Србија немаат значително влијание врз македонската политика.

„Компарирањето на Македонија и Србија претставува класична политичка неписменост“, пишува Шилегов, посочувајќи дека Македонија е членка на НАТО и ги приспособува своите политики на западноатлантските безбедносни сојузи, додека Србија, според него, се соочува со силно руско влијание.

Шилегов во објавата се осврнува и на состојбите во СДСМ, изразувајќи критики кон актуелното раководство на партијата. Тој смета дека дел од либералното општество ја доживува партијата како продолжение на структурите што ги разочарале по политичките промени во земјата.

Според него, на изборите во 2020 и 2021 година биле направени потези што ги потиснале луѓето и идеалите кои учествувале во обидите за промени во Македонија.

Шилегов критикува и дел од пратеничката група на СДСМ, оценувајќи дека некои од нејзините членови сега се обидуваат да се претстават како фактори на стабилност, иако, според него, претходно учествувале во создавањето на актуелните состојби во партијата.

Во вториот дел од објавата, тој наведува дека авторитарните тенденции не зависат нужно од тоа дали политичарот доаѓа од левицата или од десницата, туку од неговите лични карактеристики. Како примери ги посочува Виктор Орбан и Милорад Додик. Поранешниот градоначалник на Скопје прави паралела и со начинот на кој, според него, се третираат критичарите во СДСМ, наведувајќи дека оние што јавно зборувале за состојбите во партијата биле етикетирани како платеници, уценети или под туѓо влијание.

„Значи, кој е следен?“, прашува Шилегов на крајот од објавата, додавајќи дека има уште многу да каже за состојбите во партијата.