Поранешниот гувернер на Народната банка, Дејан Шошкиќ, е најсериозен кандидат за нов премиер на Србија
Поранешниот гувернер на Народната банка на Србија и професор на Економскиот факултет во Белград, Дејан Шошкиќ, се споменува како еден од можните нови премиери на Србија по победата на Студентската листа на парламентарните избори, пренесуваат српските медиуми.
Неговото име се најде во центарот на вниманието по изборите одржани на 25 октомври, на кои Студентската листа го победи политичкиот блок на досегашниот претседател Александар Вучиќ.
За време на кампањата, Шошкиќ беше на 27. место на Студентската листа, а по затворањето на гласачките места, тој ѝ се обрати на јавноста во име на листата, им се заблагодари на гласачите и ги повика граѓаните мирно да ја прослават победата.
Интересно е што за време на предизборната кампања токму Вучиќ го претстави како скриен студентски кандидат за премиер, додека Шошкиќ ги отфрли таквите тврдења.
„Јас сум само кандидат за заменик“, рече тој во тоа време.
Од студент на генерација до гувернер
Дејан Шошкиќ е роден на 15 март 1967 година во Белград. Дипломирал во 1989 година на Економскиот факултет на Универзитетот во Белград, кога бил прогласен за студент на генерацијата. Магистрирал во 1993 година, а докторирал во 1999 година во областа на финансиите. Својата професионална кариера ја изградил на Економскиот факултет, каде што моментално е редовен професор. Се занимава со финансиски пазари, банкарство, хартии од вредност и економска анализа. Се школувал во САД и предавал на неколку универзитети, вклучувајќи го и „Беркли“.
Пред да стане гувернер, работел како советник за финансиски пазари во Народната банка на Југославија, а потоа бил член и претседател на Советот на Народната банка на Србија. Бел избран за гувернер на НБС на 28 јули 2010 година, по предлог на тогашниот претседател на Србија, Борис Тадиќ.
